Почетна / Забава / Сандер Ван Дорн дел од главната програма на „Таксират 2014“

Сандер Ван Дорн дел од главната програма на „Таксират 2014“

 

По одличната забава која сè уште ја паметиме од денс-халата на последното издание на „Таксират“, за фановите на електронската музика, фестивалот и оваа година во својата програма вклучува дел од светските диџеј ѕвезди.

 

 

„Таксират“ го претставува вториот изведувач од програмата за главната вечер, кој пак редовно се појавува на самиот врв на топ листите на најрелевантниот магазин за електронска музика „ДЈ Маг“, а станува збор за холандскиот диџеј и продуцент САНДЕР ВАН ДОРН (SANDER VAN DOORN).

Сандер Ван Дорн според многумина е вистински технички и музички гениј и еден од највлијателните и популарни диџеи и продуценти. За многу кратко време, ова име стана бренд на електронската сцена, артист чиј уникатен стил никогаш не се класифицира во жанровските поделби и еден од уметниците кои ја обликуваа и променија перцепцијата на денс музиката.

Тој прв пат се претстави пред пошироката публика во 2006 година, кога на „ДЈ Маг“ Топ 100 листата дебитираше на 32. место. Поздравена и поддржана од сите значајни имиња, неговата продукција со типичниот „СвД-стил“ ги освои врвовите на сите клубски листи во светот и резултираше со неговиот прв долгоносечки албум „Supernaturalistic“ (2008). Но, ваквиот старт на кариерата никако не го натера да успори со својата работа – под своето име, но и разни псевдоними (Sam Sharp, Purple Haze, Filterfunk & Sandler) од тогаш неуморно објавува и настапува ширум светот и веќе во 2009 година влегува во Топ 10 листата.

Својот молскавичен успех до врвот го забележа таа година и со освојувањето на наградата за најдобар нов успешен диџеј („Best Breakthrough DJ“), по што постојано е на врвот од топ листите на најценетите списанија за електронска музика. По бројните хитови и соработки (дав пати по ред неговите синглови во соработка со Marco V влегуваат во Топ 20 и потоа бележи „хет трик“ со „Close My Eyes“ и соработката со Роби Вилијамс), статистиката во неговата кариера вели дека секоја претходна година тој настапувал пред најмалку милион фанови. Покрај соработката со Роби Вилијамс, тој работеше и за познатите светски ѕвезди како што се Сиа (Sia), „Д Килерс“ (The Killers), „Свидиш Хаус Мафиа“ (Swedish House Mafia), „Депеш Мод“ (Depeche Mode).

Со своите албуми, бројни хит-синглови, ремикси на најголемите светски ѕвезди, распродадени настапи на сите најзначајни арени и фестивали ширум светот, успехот на неговата сопствена етикета „Дорн Рекордс“ и неделното радио шоу, речиси е невозможно да се посомневате дека на 7. Декември во „Метрополис Арена“ нè очекува одлична забава со која ќе биде затворено овогодинешното издание на фестивалот.

Од офф-програмата на последното издание на „Таксират“, еден од настапите кои остави најголем впечаток кај публиката и кој сигурно ќе остане најзапаметен од јубилејното „Таксират“ издание е токму настапот на белградскиот хип-хоп состав „Бед Копи“.

Главната фестивалска вечер на шеснаесеттото издание на „Таксират“ ќе се одржи на 7. декември во „Метрополис Арена“, а покрај тоа фестивалот ја подготвува дополнителната офф-програма. Во рамки на оваа програма веќе го најавивме повторното одржување на „Лузер Фест“, на 29. ноември во МКЦ, а наскоро ќе бидат објавени и останатите детали од програмата, како и информациите за влезниците.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Модниот бренд „Елена Лука” на страниците на британскиот Vogue

Етаблираниот македонски бренд Елена Лука се најде на страниците на ноемвриското издание на престижниот магазин, …