Почетна / Филм / „Републиката во пламен“ и „Тајната книга“ овој викенд на ТВ Алфа

„Републиката во пламен“ и „Тајната книга“ овој викенд на ТВ Алфа

Телевизија Алфа продолжува со афирмација и поддршка на македонската кинематографија и овој, јунски викенд.

Во сабота (13 јуни) во 15.30 часот ќе се емитува “Солунските атентатори” на Живорад Митровиќ од 1951 година. Филмот зборува за ситуацијата во Македонија под османлиско ропство. Како одговор на теророт на кој е изложен македонскиот народ, се пројавуваат низа различни начини на реакција, како што се организираните чети комити, подготовката за востание, а меѓу другото и акциите на гемиџиите во Солун.

Сакајќи да го привлечат вниманието на светската јавност врз Македонија, гемиџиите, решаваат да извршат во април 1903 година низа напади на објекти во Солун, во кои е инвестиран странски капитал. Целта на овие напади се францускиот брод Гвадалкивир, Отоманската банка, Електричната централа, Поштата.

Оружјето со кое се подготвуваат да ги извршат своите акции Коста Кирков, Орце Поп-Јорданов, Илија Трчков, Павел Шатев, Димитар Мечев, Пингов и Иван Попов го снабдуваат, меѓу другото, и преку трговската фирма на Кирков. Подготовките се вршат во голема тајност, но власта сепак претпоставува одредени тероростички напади.

Во сабота навечер, веднаш по централниот дневник ќе го гледаме “Републиката во пламен” од ’69 година. Гледаме патиотска борба за слобода, борба која кулминираше со легендарното Илинденско востание и Крушевската република.

За да се објаснат целта и намерите на востанието, Никола Карев, претседател на Крушевската република го пишува Манифестот на Крушевската република, кој според прогресивноста на идеите изнесени во него е далеку пред времето на настанувањето. Веднаш по започнувањето на востанието кое претендираше да се прошири низ поголемиот дел од Македонија, стана јасно дека тоа е кренато без целосни подготовки…

Улогите ги толкуваат Драги Костовски, Илија Милчин, Илија Џувалековски, Петре Прличко и Ирена Просен.

’Најдолгиот пат’ по сценарио на Петре М. Андреевски ја имаше својата премиера минатиот викенд, а оваа недела на 14-ти јуни во 15.30 часот, повторно ќе биде прикажан на Алфа.

Драма за непокорливоста на македонскиот народ и репресиите кои ги трпел за време на последните години од угнетувањето на Османлиите.

И за крај на викендот, во недела во 20.10 часот, Алфа ќе ја емитува драмата од 2006-та година – “Тајната книга”.

Приказната за филмот е базирана врз потрагата по „Тајната книга“, книга напишана на глаголско писмо. Богомилите, прогонувани од страна на црквата, ја напуштаат нивната татковина и почнуваат да се селат кон северозапад, ширејќи го нивниот начин на живот и размислување секаде каде што оделе и преку Босна, Далмација, северна Италија, стигнуваат до југот на Франција, каде што тие (познати како Катари) ја оформуваат својата нова татковина.

Тјери Фремон, Жан-Клод Кариер, Владо Јовановски, Мето Јовановски, Ѓорѓи Јолевски и Лабина Митевска се клучните актери во македонскиот филм, снимен во француско холандска копродукција.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Вестерн трилерот „Омразената осумка“ на Тарантино саботно на МРТ 1

„Омразената осумка“ е осмиот по ред филм на Тарантино, чие дејствие е сместено десет години …

error: Содржината е заштитена!