Почетна / Забава / Концерт со дела од Арво Перт во изведба на „Профундис“

Концерт со дела од Арво Перт во изведба на „Профундис“

Ансамблот и хор „Профундис“ под диригентство на Ѓурѓица Дашиќ вечер во Филхармонија ќе одржи концерт „Созерцание“ посветен на современиот естонски композитор Арво Перт (1935), автор на голем број дела, кој во последните десетина година има реаранжирано и создадено околу 25 нови.

На програмата се „Де профундус“ за машки хор, перкусии ад либитум и оргули, „Трисагион“ за гудачки оркестар, „Стабат матер“ – верзија од 2008 за гудачки оркестар и „Молитва по Канон“ од „Канон покајанен“ за мешан хор и гудачки оркестар (2018).

-Неговата музика произлегува од единствениот животен стил и став кој се темели на христијанските вредности и вечната потрага по вистината, убавината и чистотата. Арво Перт го освои светот со својот „духовен минимализам“ – спој на едноставниот и чист звук и т.н. тинтинабули тоналност. Неговата музика поседува сентименталност и звучно сугерира на трошка архаичност во хаотичниот модерен свет, наведува Филхармонијата во најавата за концертот кој ќе го изведе Камерниот оркестар „Профундис“.

Тој е нов уметнички состав чија цел е промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на еманципација на сите концертни изведувања. Покрај класичниот репертоар, кој опфаќа музичко творештво од епохата на барокот па сè до денес, „Профундис“ се стреми кон развој и изнаоѓање поинакви начини на презентација на музиката – дигитални концерти, 3Д-мапинг, учество и презентација на нови технологии.

Формиран е во 2018 година од диригентката Ѓурѓица Дашиќ (1981), која е негов уметнички раководител и диригент. Таа дипломирала на Факултетот за музичка уметност на отсекот оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар. Од 2008 година е вработена во Македонската опера и балет како хор-мајстор и има соработувано со многу истакнати диригенти како асистент-диригент.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Македонска Филхармонија со концерт насловен „Сила“ на 7 март

Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската Филхармонија ќе го изведе концертот …

error: Содржината е заштитена!