Диви во срцето – серија за вистината и борбата. Понекогаш тајните од минатото ја менуваат сегашноста, а вистината ги става на испит љубовта, довербата и семејните врски.

Јаман е млад човек кој уште како четиригодишно дете бил киднапиран од богатото и влијателно семејство Сојсалан. Оттогаш, неговиот живот се претвора во секојдневна борба за преживување на суровите улици на Истанбул.

Без да знае кој е и од каде потекнува, Јаман расте заедно со своите најблиски пријатели Аси, Џесур и Умут, со кои дели сè – од гладот и сиромаштијата до соништата за подобар живот.

Неговиот живот драстично се менува кога случајно ја запознава убавата Руја, девојка од богато семејство. Нивната средба ќе биде почеток на низа настани што ќе го доведат Јаман до вистината за неговото потекло.

По направениот ДНК-тест, се открива дека Јаман всушност е Али Сојсалан, одамна исчезнатиот син на Неслихан Сојсалан, која со години живеела со болката по изгубеното дете.

Но, неговото враќање во семејниот дом не носи среќа за сите. Додека Неслихан се обидува да го надомести изгубеното време со својот син, неговите брат и сестра, Алаз и Чагла, тешко го прифаќаат неговото ненадејно појавување. Особено Алаз, кој во Јаман гледа закана за своето место во семејството.

Ситуацијата дополнително се усложнува поради Серхан, сопругот на Неслихан, кој крие мрачни тајни и е подготвен на сè за да ги заштити своите интереси.

Во меѓувреме, меѓу Јаман и Руја се раѓа силна љубов, но нивната врска наидува на бројни пречки, особено поради семејните интриги и чувствата што Алаз ги има кон Руја. Додека се обидува да се приспособи на новиот живот, Јаман започнува да ги открива околностите под кои бил киднапиран.

Неговата потрага по вистината ќе разоткрие долгогодишни лаги, забранети љубови, предавства и злосторства што засекогаш ќе ги променат односите во семејството Сојсалан.

Од понеделник до петок во 22.40 часот на Сител телевизија.
Дани | ТВ Пакет
ТВ Пакет Единствен телевизиски информативен портал во Македонија
