Почетна / Сапуници / На денешен ден пред точно 20 години започна легендарната „Касандра“

На денешен ден пред точно 20 години започна легендарната „Касандра“

 

Пред 20 години, Македонија беше опседната со Касандра

 

13 октомври 1997 година. Ден – понеделник. 20 часот, веднаш по главниот Дневник на МТВ 1. Токму тогаш, точно пред 20 години, на денешен ден започна “Касандра”. Серија која направи вистинска телевизиска револуција и еволуција во Македонија. Првата “шпанска” серија достигна рекордно најголема гледаност од било која претходна телевизиска содржина и било која серија која следеше потоа.

 

 

За прв пат, на македонскиот народ му беше понудена една поинаква програма која очигледно сите ги “закова” пред малите екрани. Секоја вечер, улиците во било кое село или град во Македонија беа буквално празни. 20 часот беше термин за Касандра и немаше повеќе муабет. Затворени по домовите, луѓето со задоволство ја гледаа секоја епизода од тв новелата и со нетрпение очекуваа што следно ќе се случи со нивните омилени ликови Касандра, Луи Давид, Ранду, Доринда, Глинка, Лилија Роса.

 

 

Касандра беше приказна за девојката родена во богата колевка, но порасната во циркус заедно со Циганите кои станаа нејзино семејство и нејзина крв. Игнасио или Луи Давид? Гледачите се уште се сеќаваат на злобниот и добриот брат, одглумени од убавиот Освалдо Риос. Гледачите ја паметат и легендарната Кораима Торас алијас Касандра која ја посети и Македонија заедно со нејзиниот колега Хенри Сото алијас Ранду. Планетарен успех доживеа не само серијата, туку и глумците кои станаа вистински ѕвезди.

 

 

И не само во Македонија, туку секаде на Балканот, во Русија, Европа, серијата доживеа енормна популарност и влезе во Гинисовата книга на рекорди како најпродавана теленовела во светот. Луѓето во другите земји собираа потписи за да се ослободи Касандра од затвор, Ромите во Македонија ги крштеваа своите деца по ликовите од серијата. Вистински хит беше од мало до најстаро кои однапред премотуваа видео касети за да дознаат што ќе се случи понатака во серијата.

 

 

Вистинска треска завладеа во Македонија далечната ‘97ма. Се собираа сликички, се пополнуваа албуми. По пазарите ечеше насловната тема од серијата, се продаваше роба со името на Касандра, се купуваа венчиња какви што носеше она во серијата. Сите што се сеќаваат на тоа време, се сеќаваат на еуфоријата што ја создаде Касандра. По неа следеа стотици латиноамерикански теленовели, потоа и турски и индиски сапуници, но ништо не можеше да го достигне врвот на едната и единствена, Касандра. Ниту Жаде, ниту Шехерезад не се прераскажуваа по канцеларии и во паркови како што се зборуваше за судбината на Циганката Касандра.

 

 

Легендарната песна од серијата и ден денес предизвикува морници кај оние што ја слушаат, а нејзината моќ и автентичност секогаш ќе ни буди најубави сеќавања. Сеќавања на едно минато и убаво време, во кое не бевме оптеретени само со политика, време во кое постоеја некакви вредности, време во кое една интересна и љубовна приказна успеа да ги обедини семејствата и соседите.

 

 

Манијата наречена Касандра е време кое никогаш нема да се врати, па затоа ТВ Пакет одвојува простор за нешто што нема да се повтори, а е вредно да се спомене и одбележи.

 

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Теленовелата „За љубовта нема рецепт“ во 13:45 часот на Телма

Во Мексико секој ден во просек исчезнуваат по 14 деца. Повеќето се жртви на трговија …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!