Почетна / Забава / Како беше одбележан денот на виното, Св.Трифун во „Стоби“

Како беше одбележан денот на виното, Св.Трифун во „Стоби“

 

Стотици гости меѓу кои и амбасадорите на Холандија, Италија и Унгарија, претставници од бизнис – секторот, вински витези и експерти вчера (вторник, 14 февруари) присуствуваа на свечената прослава на празникот Св.Трифун во винаријата „Стоби“. Настанот почна со литургија и закројување на лозите по што следуваше музичко шоу на кое присутните дeгустираа ексклузивни вина од богатата палета на една од најголемите винарии во Македонија. На прославата настапија: триото на реномираната џез-пејачка Марија Димитриевиќ; новата надеж на домашната сцена Антониа Гиговска која беше и финалист на шоуто „Пинкови ѕвезди“ и џез-бендот „Д свингерс“.

 

На денешниот настан ексклузивен гостин беше и претставникот од компанија Schermer од Холандија која воедно е првата дистрибутерска фирма со која „Стоби“ има потпишано договор. Прославата на Св. Трифун е заокружување на регионалната промоција на ексклузивните вина од линијата Private Reserve. Оценувајќи ја изминатата година како успешна, менаџментот на „Стоби“ се надева дека и во 2017 ќе продолжат да се развиваат со исто темпо.

– На крајот на 2015 година промовиравме нови премиум вина и минатата година бевме фокусирани на нивно претставување во земјава и во странство. „Акација“, „Аура“, „Аксиос“, „Аминта“, „Вердо“ и „Веритас“ се „најдоброто од најдоброто“ создадено од стручниот тим на винаријата и задоволни сме дека наидоа на одличен прием од вљубениците на виното, како и од енолозите и винските стручњаци – објаснува Ана Јорданова, главен вински уредник во „Стоби“.

Лани беа организирани настани во Србија и Босна каде се дегустираа новите вина на „Стоби“, заедно со македонски специјалитети подготвени на модерен начин.

– Концептот не беше да го понудиме најдоброто од нашата винарија туку од нашата земја и тоа пред одбрана публика. Миксот на нашето вино и вкусната храна се покажа како добитна комбинација. Минатата година учествувавме и на повеќе натпревари на кои добивме повеќе пофалници и медали, но најдраг ни е златниот медал за црвеното вино „Аминта“ на престижниот BIWC (The Balkans International Wine Competition) – појаснува  Јорданова и додава дека денешната прослава е можност да ги соберат сите свои соработници и пријатели на исто место, да го одбележат Св. Трифун и да посакаат и 2017 да им биде исто така бериќетна.

„Стоби“ е модерно конципирана македонска винарија, лоцирана во општина Градско, веднаш до античкиот локалитет Стоби, од каде што го добива и своето име. Произведува повеќе од 15 различни типови на вино од кои дел се продаваат и на европскиот и американскиот пазар.

Севкупниот капацитет на „Стоби“ е 4,5 милиони литри висококвалитетно македонско вино годишно, распределено во 4 категории – премиум, елит, класик и традиционални. Производството се базира исклучиво на сопствените лозови насади, кои се простираат на површина од 600 хектари.

 
 
 
 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Концерт „Поврзување” во Филхармонија под диригенство на Чадловска

„Поврзување” е насловен концертот на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи овој четврток, 14 март …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!