Почетна / Телевизија / ТВ Емисии / Промена во „Ѕвездите на Гранд“: Ана Бекута заминува по 12 години

Промена во „Ѕвездите на Гранд“: Ана Бекута заминува по 12 години

Новата сезона на популарното музичко натпреварување „Ѕвездите на Гранд“ ќе донесе уште една голема промена во жирито. По цели 12 години, Ана Бекута одлучи да се повлече од своето место, а нејзината позиција ќе ја преземе Сања Вучиќ, која станува постојан член на жирито.

Бекута е дел од „Ѕвездите на Гранд“ од 2014 година, кога во жирито ја повикал основачот и долгогодишен креативен директор на „Гранд“, Саша Поповиќ. По повеќе од една деценија во шоуто, пејачката вели дека дошло време за пауза и поголема посветеност на сопствената музичка кариера.

Во своето обраќање таа нагласи дека одлуката не е поврзана со преминување во конкурентските музички натпреварувања. Во следниот период планира да се посвети на новиот албум и концертните активности, а особено е горда на младите пејачи на кои им беше ментор во изминатите сезони.

Од продукцијата на „Гранд“ соопштија дека ја почитуваат нејзината одлука и дека вратите за Ана Бекута остануваат отворени, потсетувајќи дека низ годините таа не била само член на жирито, туку и ментор и поддршка на голем број млади изведувачи.

Новото лице во постојаната жири-постава, сепак, не е непознато за гледачите. Сања Вучиќ и претходно неколкупати седеше на жешкото столче како замена за отсутни членови на жирито, но од новата сезона првпат ќе стане дел од редовната екипа.

Вучиќ и самата ја потврди веста, истакнувајќи дека е возбудена поради новиот ангажман и дека со нетрпение го очекува почетокот на сезоната.

Со нејзиното доаѓање, жирито во новата сезона ќе го сочинуваат Снежана Ѓуришиќ, Светлана Цеца Ражнатовиќ, Дара Бубамара, Драган Којиќ Кеба, Ѓорѓе Давид, Александар Милиќ Мили, како и Сања Вучиќ.

Заминувањето на Ана Бекута е само последно во низата промени што го зафатија најпознатото регионално музичко натпреварување.

Претходно од жирито се повлече Марија Шерифовиќ, а потоа замина и Вики Миљковиќ, додека неодамна беше објавено дека по 13 години од емисијата си заминува и долгогодишната водителка Сања Кужет.

Така „Ѕвездите на Гранд“ во новата сезона ќе влезат со значително изменета екипа и со нова генерација лица во еден од најпрепознатливите телевизиски формати во регионот.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Проводаџија“ во матичната земја не оди во вечерни термини

Српската емисија во која се спојуваат стари моми и ергени веќе шест години се емитува …

error: Содржината е заштитена!