Почетна / Забава / Филхармонија ја отвора сезоната со врвниот виолинист Барнабаш Келемен

Филхармонија ја отвора сезоната со врвниот виолинист Барнабаш Келемен

Овој четврток со почеток во 20 часот оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја отвори новата концертна сезона насловена „80 години-Љубов!”. Првиот концерт е насловен „Будење” и како солист ќе настапи еден од најдобрите виолинисти на светската музичка сцена – Барнабаш Келемен од Унгарија, а диригенти е Бенџамин Шварц од Израел/САД.

На програмата се Концертот за виолина и оркестар бр. 2 од Бела Барток и Извадоци од балетот „Ромео и Јулија” од Сергеј Прокофјев.

Бела Барток (1881 – 1945) е еден од најпознатите унгарски композитори (воедно пијанист и етномузиколог) и еден од најзначајните композитори на 20 век. Тој е еден од основачите на етномузикологијата, антропологијата и етнографијата во музиката. Во неговиот опус препознатлива е инспирацијата од фолклорното мелодиско богатство, а познат е и по неговите едиции за музичкиот фолклор. Долго време бил во потрага по својот автентичен стил. Бил под влијание на Брамс и Лист, Штраус, Дебиси, Шенберг или Стравински, но подоцна, иако потпирајќи се на унгарската звучна традиција, создал индивидуален израз и филигрански изработен, кохерентен и оригинален јазик. Концертот за виолина и оркестар бр. 2 (1938) долго време важел за негов единствен виолински концерт, затоа што останатите биле објавени по неговата смрт. Посветен е на виолинистот Золтан Шекељ, кој му предложил на Барток да биде во три става, наспроти идејата на композиторот да биде во еден. Токму Шекељ и го извел делото премиерно во Амстердам (1939), со оркестарот на Концертгебау. Бела Барток во ова дело останал верен на својот препознатлив стил и самиот велел дека не мора по секаква цена да се изрази како модернист. Се вратил на тоналитетите и за сите три става избрал решенија блиски на традицијата.

Балетот во три чина, според Шекспировата трагедија „Ромео и Јулија”, една од најубавите и најчитани драми во светската литература е лирска музичка приказна за трагичната љубов на двајцата главни протагонисти видена од специфичниот агол на препознатливиот музички сензибилитет на рускиот композитор Сергеј Прокофјев. Од кога е напишан, во 1938 година, овој балет е постојана инспирација за генерации кореографи и режисери, а музиката на Прокофјев е совршен звучен тестамент кој постојано се изведува и самостојно, без балетска поставка. Многу композитори напишале балети и опери инспирирани од приказната за двајцата несреќни љубовници кои на трагичен начин ќе ѝ стават крај на нетрпеливоста меѓу нивните семејства – Монтеки и Капулети. Сепак, Сергеј Прокофјев бил првиот композитор кој создал вистински шекспировски балет – еден од најдобрите во 20 век. Ова музичко-сценско дело има исклучителен и богат музички израз. Музиката на Прокофјев овозможила автентично танцово обликување на Шекспировото дело и неговите ликови кои преку моќниот звук и кореографија добиваат сосема нова димензија. Праизведбата била надвор во Русија, во Брно, на 30 јануари 1938 година, од кога всушност започнува брилијантната сценска и инструментална историја на овој исклучителен балет.

Виолинистот Барнабаш Келемен ги освои најпознатите концертни сцени во светот со својата виртуозна техника и динамика, како и со страсниот изведувачки стил. Различен и со отворен ум, тој важи за исклучителен солист и камерен музичар, како и уметнички директор на фестивали и професор на водечки музички институции. Во последните неколку години, Келемен работи и како диригент. Поседува филигранско чувство за креирање стил и поседува неверојатна техничка подготвеност која му дава сигурност да изведува комплексни дела од виолинската литература. Неговиот репертоар е диверзитетен, изведува дела од раниот барок, класиката, дела од романтизмот, како и современа музика. Посветен промотор е на современата музика и зад себе има многу светски и унгарски премиери на дела од Куртаг, Лигети, Шнитке, Губадулина, Рајх… Настапува на сцените на Карнеги Хол, Концертгебау, Ројал фестивал хол, како и на сцената на Берлинската филхармонија. Често настапува во оркестарот на „Би-би-си”, Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Унгарскиот национален филхармониски оркестар, Естонискиот национален симфониски оркестар, Лондонскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Хелсинки, Филхармонијата на Хонг Конг… Настапувал со водечки диригенти како Лорин Мазел, Сер Невил Маринер, Владимир Јуровски, Марек Јановски, Мајкл Стерн, Иван Фишер и други. Добитник е на значајни награди и признанија, а досега има снимено 20 албуми за престижни продукциски компании, од кои 17 се соло, а три со неговиот квартет. Добитник е на први награди на интернационалниот натпревар за виолина „Моцарт” во Салцбург, на интернационалниот натпревар за виолина во Индијанаполис… Во моментов работи како професор на музичката академија „Лист” во Будимпешта и на универзитетот во Келн. Барнабаш Келемен свири на виолина „Џузепе Гварнери” од 1742 година, која му е дадена на користење од државата (Унгарија).

„Бенџамин Шварц е сензација. Со неговата чиста енергија, перфектна техника во комбинација со мотивиран оркестар, тој успева да продуцира возбудлив и култивиран звук”. Ова се дел од зборовите со кои критичарите го опишуваат харизматичниот диригент Бенџамин Шварц, кој, како што оценуваат, „има јасна визија во своите интерпретации”. Овие квалитети заедно со широкиот репертоар на дела произлегуваат од неговата постојано присутна желба за истражување и проширување на индивидуалните звучни хоризонти. Следната сезона Шварц ќе работи како шеф-диригент на државниот оркестар на Рајнската филхармонија. Од 2013 до 2016 година работи како музички директор на Филхармонискиот оркестар на Вроцлав, Полска. Со својата работа во овој оркестар тој беше вклучен и во голем број од настаните што се реализираа во 2016 година, кога Вроцлав беше Европска престолнина на културата. Работел и како гостин-диригент на Филхармонијата на Дисбург (2019/2020), бил гостин-диригент на Симфонискиот оркестар на Сан Франциско и музички директор на Младинскиот оркестар во овој американски град. Репертоарот на Шварц го рефлектира неговиот антидогматски, отворен однос кон програмата и делата од различни епохи и стилови – од делата на Џон Адамс до Малер, Брамс, Барток… Бил вклучен и во проектот „Години на вознемиреност”, во соработка со скулпторот, сликар и сценограф Александар Ползин, продукција која се базира на поезијата на англо-американскиот поет В. Х. Оден, во која преку музика и слики се прикажуваат настани од раниот 20 век. Како гостин-диригент, Шварц настапувал во Кралската филхармонија на Стокхолм, Филхармонијата на Лос Анџелес, Кралскиот шкотски симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Токио, Националниот оркестар на Лил и многу други. Работел и оперски продукции во Шведската кралска опера, Операта во Келн, Вајнмар… Работел и балетски продукции, меѓу кои и кореографијата на Пина Бауш на „Посветување на пролетта”. Во неговата дискографија се делата од Алберт Шнелцер кои ги сними со Симфонискиот оркестар на Готенбург, делата на Поул Рудерс со Симфонискиот оркестар на Оденсе и музиката на Васо Мендонца со оркестарот на Гулбенкиан.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Две светски премиери на Дарија Андовска во Токио и Скопје

На 4 ноември во Tokyo Opera се одржа светската премиера на „Сношти минав” за тенор, …

error: Содржината е заштитена!