Почетна / Спорт / Светското во фудбал ќе го следиме на Арена Спорт Македонија

Светското во фудбал ќе го следиме на Арена Спорт Македонија

Голема новина за љубителите на спортот во Македонија – од 11 јуни во 19:30 часот официјално стартува со работа новата регионална телевизија „Арена Спорт Македонија“. Гледачите уште од првиот ден ќе добијат богата спортска програма, а стартот ќе биде одбележан со специјално студио посветено на Светското првенство во фудбал. Веднаш потоа, од 21:00 часот, следува и првиот директен пренос од шампионатот, со натпреварот помеѓу Мексико и Јужна Африка.

Новите канали Арена М1, Арена М2 и Арена М3 Премиум ќе понудат целосно локализирана програма на македонски јазик, со домашни коментатори и студиски содржини. Истите ќе ги заменат досегашните три Премиум канали на кабелските оператори кои се емитуваа на српски јазик, а сите останати Арени ќе продолжат да си се емитуваат со српски коментатори.

На чело на проектот е искусниот спортски новинар Тони Стојановски, добро познато име меѓу македонската публика. Со речиси три децении професионално искуство стекнато во Македонското радио, А1 телевизија и Македонската телевизија, тој ќе ја предводи редакцијата која има амбиција да донесе ново ниво на спортски преноси и анализа на македонскиот медиумски пазар.

Покрај Светското првенство во фудбал, на гледачите ќе им понуди богата програма составена од најатрактивните домашни и меѓународни спортски натпреварувања. Во програмската шема ќе бидат застапени светски и европски првенства во најпопуларните спортови, натпревари од елитните клупски конкуренции, како и содржини од северноамериканските професионални лиги. Телевизијата ги поседува правата за пренос на сите натпревари на македонската фудбалска репрезентација, како и на најзначајните ракометни натпреварувања во кои учествуваат македонските клубови и репрезентации. Во понудата се и натпреварите од Лигата на шампионите и Европската лига во ракомет, како и Европската лига на ЦЕВ во одбојка.

Уште во првите денови од работењето, гледачите ќе имаат можност да проследат неколку директни преноси од настапите на националните одбојкарски селекции. Дополнително, на каналите на „Арена Спорт Македонија“ ќе се емитуваат и сите натпревари од Првата македонска фудбалска лига. Иако станува збор за регионален телевизиски бренд, локализираната програма на македонски јазик ќе биде насочена пред сè кон интересите на домашната публика. Затоа, значително внимание ќе биде посветено на македонските спортисти, клубови и репрезентации.

Со почетокот на новата спортска сезона од август, телевизијата најавува и специјализирани студиски емисии посветени на македонскиот фудбал, Лигата на шампионите, Европската лига во ракомет, англиската Премиер лига и други врвни спортски натпреварувања кои привлекуваат голем интерес кај гледачите.

Медиумскиот проект ќе го предводи тим составен од добро познатите спортски новинари и коментатори Тони Стојановски, Горан Стерјов, Дамјан Николовски, Југослав Костовски, Перо Момировски, Зоран Мишевски, Игор Паневски, Златко Андоновски и Александар Табаковски, додека дел од редакцијата се и новинарката-репортерка Марија Коцева и уредникот на веб-порталот Ристе Ѓорѓиевски. Покрај искусниот кадар, телевизијата најавува можност и за вклучување на млади и перспективни новинарски и коментаторски таленти.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

И Нетфликс е во игра да ја пренесува Лигата на шампиони

Европската фудбалска организација, УЕФА подготвува тендер за нов, шестгодишен циклус за продажба на правата за …

error: Содржината е заштитена!