Почетна / Вебновела / Песочни Тајни, 3то продолжение

Песочни Тајни, 3то продолжение

 

ПЕСОЧНИ ТАЈНИ

 

# 3-то продолжение

 

 

Сантана беше нервозна. Ништо не можеше да ја смири ниту да ја вразуми. Ја напушти вереничката забава уште пред да започе. Но, не сакаше да се врати назад во својот мал апартман кој ја задушуваше како затворска келија. Шеташе долго по плажата, додека големите бранови и песокот лизгаа по нејзините боси нозе. На крајот реши да ја посети својата мајка, која досега требаше да ги има завршено работните обврски. Роса Андраде со години работеше во вилата на Албукерке, уште откога Сантана помнеше за себе.

Иако беше храбра и силна, Сантана не можеше уште долго да живее со тоа темпо на работа, секогаш и префрлаше нејзината мајка. За Сантана, работате беше како дрога која и помогна да ги зацели раните кои и ги нанесе животот. Денес, благодарение на својот труд и жртва важеше за една од најценетите дизајнерки во Рио. Но, денес, по пет години морска сол повторно ја допре незацелената рана на нејзината душа. Жоел Переира е пуштен од затвор. Жоел Переира е повторно во Рио.

Ваквите мисли ја доведоа до старата куќа на нејзините родители. Младата жена го зеде ножот за да и помогне на својата мајка да ја заврши вечерата која ја подготвуваше. Роса се насмевна бидејки таквиот начин на работа водеше кон интимен и лесен разговор со својата ќерка.

Без да ја погледне, жената почна да зборува како да знаеше кон што водат мислите на нејзината ќерка.

–       Мила Сантана, навистина не можам да разберам зошто си ваква. Што навистина за тебе претставува враќањето на Жоел? Тоа што Жоел Переира го уби Кристијано Албукерке е дел од минатото, минато кое треба да го закопаш длабоко во минатото, ќерко.На крајот, поминаа веќе пет години од тогаш…

Сантана длабоко воздивна. Во нејзините горчливи очи се појавија солзи.

–       Кристијано беше се за мене, – рече на крајот. – Беше мојата голема љубов. Јас нема никогаш да можам да го заборавам, мама.

–       Знам, – воздивна нејзината мајка. – Израснавте заедно и знам дека Крситијано те љубеше колку и ти него. Поманм дека постојано бевте заедно уште од деца, трчавте босоноги на плажата, се обидувавте да се искачите на кокосовите дрвја во задниот двор…Кристијано Албукерке беше многу повеќе од прва љубов за тебе, ќерко. Сите го сакаа многу бидејки секогаш беше ведар и насмеан…

–       Но, никој не го сакаше како мене, мамо. Нашата врска беше тајна бидејки знаевме дека ни вие ниту неговата фамилија нема никогаш да ни дозволите да бидеме заедно.

Роса ја остави зделата, пријде до својата ќерка и погледна во нејзините очи. Очи кои пет години беа исти и страдаа како и нејзината душа.

–       Можам да разберам колку ти беше тешко сите овие години, животе мој. Но, животот оди понатаму…

–       Не и за мене, мама.

–       Што сакаш да кажеш со тоа?, – со страв во срцето праша Роса.

Сантана го вкрсти својот поглед со погледот на својата мајка. Роса повеќе не можеше да го препознае наивниот и детски поглед во очите на својата ќерка. Нејзината ќерка веќе беше возрасна жена, животот ја имаше направено да созрее преку ноќ.

Роса и ја подаде својата рака на Сантана и ја поведе кон каучот во дневната просторија. Имаше претчуство дека нејзината ќерка сака да разговара со неа без ничие присуство.

–       Морам да ти кажам нешто многу важно, мама. Една тајна која сите овие години ја криев од тебе. Јас бев бремена кога го убија Кристијано, – најпсоле изговори Сантана, не можејки да ги сокрие солзите. – Затоа ми требаше изговор да заминам од дома по таа трагедија.

Роса вртеше со главата. Сега и беше јасно зошто Сантана замина од дома веднаш по убиството на Крситијано со изговор дека сака да ги заврши студиите вон градот.

–       Студиите ми беа само изговор за да не бидам во Рио. Во тоа време…родив дете. Син кој никогаш повеќе не го видов.

Потресена од изненадувањето и возбудата, Роса праша ;

–       Боже мој, Сантана, и што се случи со тоа дете?

–       Нелсон Албукерке ми го зеде, – призна нејзината ќерка со насобран гнев. – Бев  млада во таа доба и премногу наивна. Не знаев што да правам со тоа дете, бев скршена поради смртта на Кристијано и Нелсон ја искористи мојата тага. Ме принуди да го дадам детето на посвојување со цел никој никогаш да не дознае дека сум родила. Бев толку преплашена што не се осмелив никому да кажам, дури ниту на вас. Со времето се обидов да заборавам, но никогаш не успеав. Но, сега повеќе од се сакам да си го повратам мојот син, мама. И ќе го сторам тоа.

 

Беше убаво чуството да се спие до доцна, на бела постела и свеж зрак светлина кој продираше низ прозорците. Жоел остана да лежи во постелата и откако ги отвори очите. Наскоро неговата мајка влезе во собата со блага насмевка на лицето.

–       Како е најубавиот син на брегот, денеска?

–       Среќен што сум дома со вас, мајчице, – со иста насмевка и врати Жоел.

–       Ајде на појадок, сестра ти веќе чека на трпезата.

–       Ќе слезам веднаш, – рече Жоел.

Мариса му прати бакнеж од далеку пред да излезе од собата. Тој стана од постелата и влезе под туш. Не можеше да престане да мисли на Каролина. Што ли се случило со неа овие години? Дали е сеуште убава како тогаш? Дали сеуште го мисли како што тој ја мисли неа?

Откако излезе од под туш, врза пешкир околу половината и го отвори својот лаптоп. На google го напиша нејзиното име. Каролина Албукерке. Копнееше да ја види повторно, да слушне за неа.

Во најновите вести на врвот од резултатите стоеше фотографија која направи да му растрепери срцето. Вестта гласеше; “Вчеравечер на голема прослава во вилата во Леблон, Каролина Албукерке стана официјална свршеница на Педро Фалко. Веднаш по церемонијата младиот и среќен пат замина на патување во Бузиос со семејната јахта ”.

Жоел Переира добро ја познаваше семејната јахта на фамилијата Албукерке. Посегна по телефонот и заврте во меѓуградската автобуска станица;

–       Добар ден. Една повратна карта за Бузиос. На име Жоел Переира.

Беше решен да ја види Каролина. Уште денес.

 

Со собрани веѓи  и со мобилниот телефон закачен на уво, Нелсон Албукерке стоеше и не изговараше ништо, само со раката бележеше на својот ipad. Во работната соба влезе Роса, но Нелсон и даде знак да не зборува пред да го заврши разговорот.

–       Дваесет и седмицата има проблеми, – рече семоќниот Албукерке гледајки во својот електронски бележник. – Сан Миљан е на пат? Во ред, известете ги Ломбарди и Васконселос што поскоро. Не му кажувајте на Жулио, и онака има други обврски.

Кога го заврши телефонскиот разговор, го спушти мобилниот телефон и погледна во домарката, воздивнувајки;

–       Имам проблеми, Роса.

–       Исто и јас, господине. Сношти имав сериозен разговор со мојата ќерка, – жената веднаш прејде на главното. – Сантана ми призна нешто што сеуште ми е тешко да го сфатам. Дали е вистина дека синот кој го родила мојата ќерка, вашиот внук сте го дале на посвојување?

Нелсон само ладнокрвно погледна во својата вработена. За него времето беше пари и немаше време на губење на семејни драми од рано наутро. Но, Роса Андраде беше како дел од неговата фамилија. За него работеше повеќе од дваесет години и се чуствуваше должен да и објасни.

–       Сето тоа е вистина, Роса. Седни, те молам, – и ја покажа кожената фотеља пред неговото работно биро. – Не сум негативецот во приказната како што најверојатно Сантана ти претставила. Тогаш сметав дека тоа е правото решение и така постапив. Можеби погрешив, не велам не.

Роса го следеше внимателно. Нелсон стана од бирото, пријде до својот мини бар и си наточи коњак во една кристална чаша. И понуди шери на домарката, но таа одби со кратко вртење на главата.

–       Кога мојот син Кристијано дојде да ми каже дека ќе стане татко, мојот син имаше само осумнаесет години. Јас имав зацртано брилијантни планови за него. Кога ми кажа дека ја љуби Сантана, дека девојката чека негово дете и дека ќе ги прекине студиите за да почне да работи и да формира фамилија, за мене беше тежок удар. Освен тоа, двајцата беа толку многу млади. Им предложив да го дадат детето на посвојување откако ќе се роди. Кристијано одби. Потоа, Кристијано беше убиен, Сантана роди и реши да ме послуша и да го даде синот на посвојување.

Роса гледаше во Нелсон и за момент заборави дека разговара со својот господин. Со насобран бес му се истури;

–       Како сте можеле да донесете таква одлука, господине Албукерке? Зошто не се посоветувавте со нас? Можеби мојот сопруг и јас не сме на иста позиција со еден Албукерке но и ние сме родители на Сантана како вие на Кристијано!

–       Знам, Роса. Погрешив и верувај ми дека се каам за стореното.

 

Коралните води во Бузиос го правеа местото толку привлечно за туристи. Каролина се разбуди доцна тоа претпладне. Педро и вети дека самиот ќе и подготви риба на скара, иако јахтата имаше со себе готвач и две собарки. Додека среќниот свршеник се трудеше околу ручекот за да не ја разочара идната сопруга, Каролина излезе да прошета на пристаништето.

Босонога шеташе по докот, додека сонцето сјаеше во нејзината руса коса. Од страна ја гледаше Жоел. Беше поубава одошто ја помнеше. Како времето никогаш да не минало за неа. Срцето му трепереше и во тој момент сфати дека таа е единствената жена за него. Никогаш не можеше да постои друга. Тргна по неа довикувајки ја по име;

–       Каролина!

Таа се заврте и кога го здогледа само со раката се фати за своите гради. Гледаше во него без збор. Имаше густа брада на себе и рамениците му беа пошироки одошто помнеше, но погледот му беше ист. Го гледаше долго, како да гледаше во дух.

–       Жоел! , – одвај го изговори неговото име, плашејки се дека не е доволно силна да го истера до крај тој момент.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Научи ме да летам | Enseñame a Volar #055, 056

#55то продолжение                 Беше нешто по полноќ, кога лежеа голи на софата во …