Почетна / Вебновела / Оган во Срцето|Fuego en el Corazón епизода 19

Оган во Срцето|Fuego en el Corazón епизода 19

 

Ектор возеше кон канцеларијата следното утро, не можејки да престане да мисли на тешките зборови од неговиот брат Тристан. И покрај тоа што беше штитеник на Вадо Фалкон, и покрај тоа што тој човек го школуваше и направи инжењер од него, Ектор никогаш не заборави од каде е. Но во тој момент знаеше едно, дека ќе го исполни ветувањето дадено на неговата мајка. Саломон Алкантар, неговиот искрен пријател и еден од најдобрите и перспективни адвокати во земјата веќе го чекаше во неговата канцеларија .

–          Саломон, пријателе. Те очекував дури пладне.

–          Речено сторено, пријателе. Тука сум како што ветив. Што можам да сторам за тебе?

–          Сакам да земеш одбрана на еден од рударите во рудникот.

–          Чекај малку…Ме повика итно, ми прати приватен лет до овде за да бранам обичен рудар. Помислив дека си влегол во некоја каша од која нема излез.

–          Морам да го извадам тој човек од затвор, Саломон, верувај ми. Кога почнав да работам во фирмата, уште првиот ден дојде до експлозија во топилницата. Почина еден стар работник. Вадо нареди истрага и рударот е обвинет за саботажа и убиство.

–          Дали рударот е виновен?

–          Тој човек не е способен ни да прегази мравка, – јасно изјави Ектор. – Неговата единствена маана е гордоста. Се работи за чесен и одговорен млад човек.

–          И во што лежи целата мистерија? Зошто толку ти значи?

–          Бидејки се работи за мојот брат, Саломон. Да, Тристан Фуего, мојот помлад брат е обвинет за злосторство кое го нема сторено! Помогни ми да го спасам, пријателе.

–          Не знаев дека Тристан работи во рудникот.

Саломон кој добро ја знаеше животната приказна на Ектор, не ни претпоставуваше дека неговиот помлад брат работи во рудникот.

–          Не знаев ни јас додека не дојдов во Малиналко, – искрено му призна Ектор. – Двајцата бевме изнеандени кога се видовме во топилницата. Не знаеш колку лошо се чувствувам, Саломон.

–          Секако дека ќе ти помогнам, Ектор. Но, претходно мораш да ме запознаеш со целиот случај.

–          Од сите мои пријатели, тебе секогаш сум те сметал за најверен Саломон. Само ти ја знаеш мојата животна сторија, моите стравови и тајни…Тристан не смее да знае дека јас сум те најмил за да го извлечеш од затвор. Никој во компанијата не смеее да знае дека јас сум те најмил.

 

За момент, Ектор повторно го пронајде својот спокој. Го исполни ветувањето дадено на неговата мајка. Веруваше дека Саломон ќе го извлече Тристан од затвор. Таа вечер го сопре својот автомобил пред пансионот на Макарија. Знаеше дека е доцна но мораше да зборува со Јулиса, да ја извести дека нашол човек кој ќе го извлече Тристан на слобода.

–          Инжењеру, од каде вие тука?

–          Знам дека е доцна, Јулиса, но морам да разговарам со тебе, – рече нежно, земајки и ја раката.

–          Не знам што сакате од мене, но дефинитивно имате погрешна претстава за тоа која сум, – му одговори дрско девојката, повлекувајки си ја назад својата рака.

–          Дали е се во ред, Јулиса?, – праша Макарија од катот.

–          Да, мамо. Инжењерот Фалкон си оди. Ќе дојдам брзо.

Откако Макарија се врати назад во својата соба, Јулиса директно го праша Ектор за што е дојден.

–          Постои голема можност Тристан да биде пуштен на слобода, Јулиса…Но, само од тебе зависи неговата слобода.

–          Колку и да копнеам Тристан да биде пуштен од затвор, нема да потклекнам на вашите уцени, инжењеру Фалкон.

–          Не сум тука за да те ценувам, Јулиса. Но, ти го имаш клучниот збор. Ќе му помогнам на Тристан да биде слободен човек доколку се тргнеш од рудникот и прифатиш да работиш за мене.

–          Како се осмелувате да ме уценувате на толку низок начин?

–          Прифати дека твоето место е покрај мене, Јулиса. Со работата во рудникот никогаш нема да можеш да ги завршиш студиите. Работата во канцеларија е едноставна и може да биде прилагодлива за да можеш да слушаш настава.

–          Како не ви е срам? Барате од мене да го предадам Тристан…

–          Никој не спомена предавство, Јулиса…

–          Не сум слепа инжењеру и веќе некое време сум свесна за вашето додворување. Но разберете дека јас сум жена само за еден маж. Додека сум жива ќе го љубам Тристан Фуего.

–          Точно, не е тајна дека ми се допаѓаш, ти си жена која би можел да ја љубам, Јулиса. Но никогаш не би користел манипулации и интриги за да дојдам до нечија љубов.

–          Одете си, инжењеру. Не сакам да зборувам повеќе. Тристан е невин и ќе ја докаже својата невиност и без ваша помош.

–          Да, но колку време ќе помине до тогаш? Во спротивно, јас можам со пари да му ја купам слободата. Прифати го мојот предлог и јас ќе го платам најдобриот адвокат во земјата да го брани. Ќе биде наша мала тајна.

 

Загонетката поврзана со Макарија Ромеро, жената која имала нешто во минатото со дон Вадо не престана да ја измачува Ребека. Убедена дека може да пронајде некој патоказ во собата на Вадо, Ребека влезе во браовата соба. Пребарувајки по фиоките, слушна отварање на вратата. Беше Мистика.

–          Што барате по работите на дон Вадо, Ребека?

–          Јас…Барав една тапија, Мистика, – пелтечеше жената.

–          Ако дознае дон Вадо дека сте биле тука и сте нушкале по неговите работи…

–          Не, Мистика, те молам немој ништо да му кажуваш на мојот брат! Барав нешто поврзано со онаа жена која дојде да го посети.

–          Жена? Која жена?

–          Макарија Ромеро. Знаеш ли која е таа жена, Мистика?

–          Не госпоѓо, јас не знам ништо, а сега напуштете ја собата пред да се врати дон Вадо.

 

Кога Ребека слезе долу на катот, ја забележа Дамијана како влегува во куќата.

–          Ќе ми објасниш ли конечно со кого и каде ја мина ноќта, Дамијана?

–          Ах, мајко, имав тежок ден и најмалку ми требаат твоите испрашувања во овој момент.

–          Зборувај со мене, ќерко, знаеш дека можеш да ми кажеш се. Кој те вознемирил толку?

–          Онаа бедничка…Јулиса. Денес беше во канцеларијата да зборува со Ектор. Ектор е изгорен по неа. Откако се врати од студии не е истиот како порано. Потоа, кога замина бедничката, го посети онаа наша готвачка. Се затворија во неговата канцеларија и разговараа долго. Ектор е права мистерија деновиве.

–          Ниту ти не си ништо помалку енигматична ќерко. Ќе ми кажеш ли веќе со кога ја мина ноќта?,  – Ребека не се откажуваше од идејата да ја дознае вистината.

–          Не сакам никому да давам репорт за мојата приватност.

Дамијана направи чекор кон скалите, ставајки крај на разговорот, но Ребека нагло ја промени темата на разговор.

–          Тука беше една жена по име Макарија Ромеро. Разговараше со вујко ти.

–          И?, – незаинтересирано праша Дамијана, чекорејки по скалите кон својата соба. И требаше одмор бидејки вечерта требаше повторно да се види со Антолин.

–          Таа жена е проститутка, Дамијана. Пред многу години твојот вујко беше во врска со таа жена. Кога Макарија остана бремена, Вадо се погрижи да го убијат плодот. Но, верувам дека чувствата на твојот вујко кон таа жена сеуште горат, ќерко. Се обиде да ја бакне.

–          Не можам да поверувам. Големиот Еверардо Вадо Фалкон во врска со проститутка! Мораме да дознаеме се за таа жена. Како се вика?

–          Макарија Ромеро, – одговори Ребека.

–          Макарија Ромеро, велиш? Не знаеш колку ми го разубаве денот, мајко. Сите овие години, Вадо не понижуваше и омаловауваше. Никогаш не ти прости што се омажи за човек под неговата класа, а сега…Сега дознаваме дека големиот Вадо Фалкон се гледал со курва. Курва која чекала негово дете.

 

Моќните водопади лизгаа право во водата на реката на неколку километри од градот. Опкружен со високи врби и неверојатен мир, работеше еден од најскапите ресторани во Малиналко. Имаше можност да бира скапа храна каква што никогаш немаше вкусено, тоа пладне, но Јулиса одби да земе било што.

–          Не благодарам, не сум гладна.

–          Донесете шише од најстарото и најскапо вино кое го имате, момче, – Ектор му рече на келнерот па го врати фокусот на убавите црни очи на Јулиса. – Не можам да те разберам, Јулиса. Те доведов во најубавиот ресторан во градот, каде што се служи само првокласна храна и пијалок, а ти се однесуваш како да те измачувам.

–          Не сум расположена за славење. Ја прифатив поканата бидејки  ми ветивте дека ќе го запознаам адвокатот кој ќе работи на случајот на Тристан.

–          Зошто немаш доверба во мене, Јулиса?

–          Бидејки не можам да разберам. Не можам да сфатам зошто не сакате да се знае дека му помагате на Тристан?

–          Ти си најубавата жена која некогаш сум ја видел, – Ектор не одговори на прашањето, само ја спушти својата рака на нејзината.

–          Ве прашав нешто, можете да ми одговорите, – Јулиса ја повлече својата рака назад.

–          Бидејки Тристан ме гледа како непријател и нема да прифати да го платам неговиот адвокат.

 

Дамијана слезе по скалите во вилата, подготвена за излез кога се огласи ѕвоното од влезната врата.

–          Остави, мамо, јас ќе отворам, – рече и се упати кон дрвената махагони врата.

–          И вечерва излегуваш, Дамијана, – ја прекори Ребека.

–          Јас сум веќе возрасна жена, мајко, жена која може самата да донесе одлука дали ќе излегува или не, дали ќе спие дома или не…

–          Те молам Дамијана, не сотанувај до доцна. Вадо може да праша за тебе. Не заборавај дека живееме во неговата куќа.

–          Вилата Дорада наскоро ќе биде наша куќа, – уверено рече Дамијана пред да ја отвори вратата.

Очите на Анолин светнаа кога ја виде. Носеше црвен фустан а рубин обетките ги носеа во израз нејзините зелени очи.

–          Ти си вистинска скапоценост, Дамијана.

–          Изостави ги комплиментите, Антолин. Каде одиме?

–          На едно место достојно за дама како тебе, кралице.

 

По повеќе од половина час чекање, Јулиса го загуби трпението и стана од масата во ресторанот на отворено.

–          Сето ова е уште една лага, инжењеру. Адвокатот беше само изговор за да ме доведете овде, нели?

–          Саломон требаше веќе да биде тука, – одговори Ектор погледнувајки на рачниот часовник. – Можеби заглавил во сообраќајот. Те молам остани уште кратко.

Јулиса длабоко воздивна. На крајот сето оа беше за Тристан. Се врати на масата, кога повторно ја почувствува раката на Ектор на својата кожа.

–          Зошто толку многу ти пречи моето присуство, Јулиса? Бегаш од моите зборови, од моите допири…погледни ме во очи.

 

Дамијана мораше да си признае дека Антолин навистина се имаше погиржено за таа вечер. Лос Тулипанес беше еден од најелитните ресторани во градот а со тоа беше и еден од најскапите. Штом влезе во ресторанот, погледот и падна на еден пар во аголот. Не можеше да си поверува во она што го гледа. Пријде до нивната маса, подготвена да направи сцена.

–          Ова е веќе премногу, Ектор! Зарем со смрдливата работничка од рудникот?

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Научи ме да летам | Enseñame a Volar #055, 056

#55то продолжение                 Беше нешто по полноќ, кога лежеа голи на софата во …