По спектакуларната турнеја низ Австралија, каде македонската дијаспора со недели зборуваше за неговите енергични настапи и искрена емоција на сцената, Борче Наумовски – познат како Министерот продолжува со својата мисија да ја разнесе македонската музика насекаде низ светот. Овој викенд неговата дестинација е Скандинавија, поточно Шведска, каде ќе одржи неколку настапи специјално наменети за нашите иселеници.
„После Австралија, ми требаше краток одмор, но веднаш стигнаа покани од Шведска, каде што веќе неколку пати сум настапувал и секогаш сум бил пречекан со големо срце. Таму се чувствувам како дома“, вели Министерот, кој веќе подолго време важи за еден од најангажираните македонски артисти во дијаспората.
Со глас што не се заборава, харизма што плени и репертоар што ги спојува генерациите, Борче не е само изведувач – тој е емоција, атмосфера и за многумина симбол на дома, особено за оние што живеат далеку од Македонија. На концертите во Шведска ќе понуди мешавина од неговите авторски песни, добро познати македонски евергрини, но и современи хитови во негов препознатлив стил.
Публиката веќе со нетрпение го очекува, а интересот е толку голем што се разгледуваат и дополнителни настапи. Тоа само го потврдува фактот дека Борче Наумовски е еден од ретките артисти што успеваат да изградат мост помеѓу татковината и дијаспората.
Сцената е неговиот елемент, публиката – неговото гориво, а секој негов настап – вистинска музичка прослава. И затоа, каде и да се појави, Министерот секогаш носи нешто повеќе од музика – носи чувство на припадност, љубов и гордост што сме Македонци.
Секаде каде што чекори македонската душа, нека се слуша и македонската песна. Тој е Амбасадор на нашата култура, каде не’ претставува со емоција, гордост и љубов – од Богданци до Њујорк, од Скопје до Сиднеј. Македонската песна живее преку неговиот глас, таму каде што сме ние – таму е и таа.
Дани | ТВ Пакет