Почетна / МК Сцена / Почина сопственикот на Авалон продукција

Почина сопственикот на Авалон продукција

 

Вчеравечер ненадејно почина еден од сопствениците на Авалон продукција, најдобриот менаџер на балканските простори

 

 

Синоќа, ненадејно почина Даниел Милошески, еден од сопствениците на најголемата и најдобрата македонска музичка продукциска куќа – Авалон продукција. Даниел вчеравечер враќајќи се од својот вообичаен „Крос Фит“ тренинг на пат кон дома почувствувал тегоби и здравствени потешкотии. покрај тоа успел некако да стигне до поликлиниката „Јане Сандански“, каде здравствената состојба драматично му се влошила и сите обиди да се реанимира биле неуспешни, по што Милошевски починал, најверојатно од срцев удар.

Посмртните останки ќе бидат изложени утре во капелата на Градските гробишта во Бутел, а погребот ќе биде во 14 часот.

 Даниел, заедно со брат му Бобан се основачи на најголемата македонска продукција Авалон, а со оглед на нивните успеси на балканските простори, без сомнение можеме да кажеме, основачи и на најквалитетната и најдобрата продукција. Браќата ја основале продукцијата во 1993 година, а од тогаш имаат соработувано со најголемите музички имиња од Македонија и од светот. Големиот почеток на Тоше Проески се случи во Авалон продукција, кои ги издадоа неговите први албуми “Некаде во ноќта” и “Синот божји”. Дел од нивното портфолио беа и Нокаут, Ерзана, Ареа, Владо Јаневски, Мизар, Врчак, Златко Ориѓански и други. Од почетокот на својата кариера па до ден денес, нивна ексклузивка е Каролина Гочева за која издадоа седум студиски албуми. Поради смртта на Даниел, летната турнеја концерти на Каролина е откажана.

Последниве десетина години главна ориентација на Авалон е букирање и организирање на концерти на светски музички артисти на целиот Балкан. Авалон на овие простори ги донесе: Faithless, The Prodigy, Pet Shop Boys, Simple Minds, Deep Purple, Whitesnake, Apocalyptica, Tiesto, Paul Oakenfold, Roger Sanchez, Bryan Ferry & Roxy Music, Pink, Placebo, Paul Van Dyk, Lenny Kravitz, James Blunt, Simply Red, David Byrne, Santana, George Benson, Bob Sinclar, Underworld, 50 Cent, Bob Dylan, Billy Idol, Vanesa Mae, Guano Apes, Hurts, Joe Cocker, Amy Winehouse, Moby, Judas Priest, Whitesnake, Jamiroquai, Ozzy Osbourne, Duran Duran, The Darkness… Од Скопје гори… до Belgrade Calling!

Всушност, многу полесно е да се направи списокот на имињата кои Авалон не ги донесе на Балканот, од списокот со кого се имаат соработувано.

 

 

Поради сети овие успеси, можеме да искажеме само огромна благодарност до Даниел Милошески заради неговата заслуга во тоа што значи Авалон продукција. Свесни сме дека секогаш се стремеше кон квалитетот во Македонија и сме сигурни дека и во тој дух ќе продолжи со работа продукцијата.

 

Почивај во мир, легендо, ќе останеш запаметен како еден од најголемите луѓе во шоу бизнисот, заслужен за квалитетот на македонската естрада и заслужен за бројните концерти во кои досега уживавме. Нека ти е вечна славата!

 

 

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Видео | Ново оро на македонскиот зурлаџија Џељо Дестановски

Го нарекуваат неуморниот македонски музичар, во моментов е еден од  најпознатите зурлаџии кај нас и …