Почетна / Живот / „За зелен и хуман град“ е алатка за одржливо управување на Скопје

„За зелен и хуман град“ е алатка за одржливо управување на Скопје

Денес, 17 декември 2020 г., Советот на Град Скопје ја одржува најважната седница во годината, седницата на која се гласа буџетот на градот за следната година. Од таа причина, ви го пренесуваме во целост обраќањето на Драгана Велковска, активистка за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје:

До Советот на Град Скопје

Подносител: Драгана Велковска, членка на Советот на Град Скопје

Врз основа на членовите 127 и 129 од Деловникот на Советот на Град Скопје, поднесувам:

АМАНДМАН I

на Предлог-буџетот на Град Скопје за 2021 г.

Дополнување на буџетот со нова ставка која гласи „Креирање на градска мрежа на мониторинг станици за аерозагадување“, во износ од 700.000,00 денари.

Средствата да се обезбедат од Секторот за уредување и планирање на градежно земјиште – потпрограма JDA.

Образложение

Според извештаите од европски и светски институции, смртните случаи предизвикани од загадувањето се бројат во илјади на годишно ниво. Едно од решенијата е создавање градска мрежа од мониторинг станици раководена исклучиво од активисти и академици, со цел вистинско мапирање на изворите на загадување. За максимална ефективност, неопходно е добивање дозвола за монтирање и приклучок на овие станици на објекти под надлежност на градот (од бандери до институции). Сите податоци од оваа мрежа би биле јавни и за Градот и за инспекторите и за граѓаните.

Цената на еден нискобуџетен сензор е околу 4.000,00 денари и за истиот да функционира се потребни интернет конекција и приклучок на електрична енергија. Иако нискобуџетните сензори не се прецизни колку скапите научни сензори, тие имаат доволно мала варијација (според европски истражувања), што е доволна да покаже ниско, средно или високо ниво на загаденост со маргина на грешка од 10 или 20 микрограми на метар кубен.

Освен на објектите под надлежност на Град Скопје, кои, според Програмата за енергетска ефикасност на градот за 2018-2020, вкупно се 42, ќе се воспостави соработка и со заинтересирани граѓани кои би се согласиле мерните станици да се постават на нивните приватни објекти (домови или компании) со цел да се покрие што поголема територија. Истите сензори, доколку се добро заштитени, може да се постават и на бандери за јавно осветлување кои се блиску до објекти со безжичен интернет.

Со сума од 500.000,00 денари би се обезбедиле:
● 100 фиксни сензори
● 15 рачни сензори

Дополнително, ќе треба да се прошири постоечкиот технички систем на МојВоздух за да ги складира информациите од овие сензори, и да се направи јавен dashboard за приказ на истите, и за јавноста и за инспекторите. Ова проширување би чинело дополнителни 200.000,00 денари.

Предлогот за дополнување на буџетот е изготвен од Горјан Јовановски, креатор на апликацијата „Мој воздух“ и е дел од сетот предлози „За зелен и хуман град“, усвоени на Граѓанскиот буџетски форум „Моја заедница. Моја визија“, усогласени меѓу скопјани, афирмирани граѓански организации и активистички групи од Скопје и формално доставени до Град Скопје на 23 септември 2020 г.

Од горенаведените причини предлагам усвојување на амандманот.

Драгана Велковска
Членка на Советот на Град Скопје

До Советот на Град Скопје

Подносител: Драгана Велковска, членка на Советот на Град Скопје

Врз основа на членовите 127 и 129 од Деловникот на Советот на Град Скопје, поднесувам:

АМАНДМАН II

на Предлог-буџетот на Град Скопје за 2021 г.

Дополнување на буџетот со нова ставка која гласи „Изработка на студии и проекти за транзиција кон енергетски ефикасни објекти, кои се во надлежност на Град Скопје“, во износ од 15.000.000,00 денари.

Средствата да се обезбедат од Секторот за уредување и планирање на градежно земјиште – потпрограма JDA.

Образложение

Повеќето објекти кои се во надлежност на Град Скопје (објекти на јавни претпријатија, институции, средни училишта и сл.) не ги задоволуваат минималните стандарди за енергетска ефикасност, со што нивното одржување претставува огромен буџетски товар на годишно ниво за Град Скопје. Од друга страна, голем број од овие објекти се проектирани од страна на домашни и странски реномирани архитекти и не смее да се дозволи во процесот на транзиција да се занемарат или нарушат нивните просторни и обликовни квалитети. За таа цел, предлагаме, горенаведените средства да се искористат за 1) изработка на студии и последователно 2) изработка на проекти за транзиција на овие објекти кон енергетски ефикасни објекти.

Студиите би го опфатиле делот со документирање на постоечката состојба на овие објекти и дефинирање на стандарди кои мора да бидат имплементирани во изработката на проектите со цел нивна ефикасна транзиција кон енергетски ефикасни објекти. Ваквите студии во многу наврати се финансираат и од надворешни тела и институции, со што нивното финансирање не мора да падне исклучиво на товар на Град Скопје. Студиите задолжително треба да опфатат обем на интервенции, буџет за изведба на интервенциите на секој објект, транзиција „од-во“ енергетска класа и потенцијални заштеди на годишно ниво како резултат. За изработка на студиите се предлага буџет од 6.000.000,00 денари.

Изработката на проектите се предлага да биде по пат на транспарентно организиран јавен конкурс, меѓународни/домашни работилници или сличен модел на партиципативно учество на стручната јавност. Проектните барања за секој објект би се дефинирале врз основ на претходно изработените студии. За организација и реализација на оваа активност се предлага буџет од 9.000.000,00 денари.

Предлогот за дополнување на буџетот е изготвен од Граѓанската асоцијација за унапредување на инклузивноста во градовите и градските простори Хумани градови во соработка со Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. и е дел од сетот предлози „За зелен и хуман град“, усвоени на Граѓанскиот буџетски форум „Моја заедница. Моја визија“, усогласени меѓу скопјани, афирмирани граѓански организации и активистички групи од Скопје и формално доставени до Град Скопје на 23 септември 2020 г.

Од горенаведените причини предлагам усвојување на амандманот.

Драгана Велковска
Членка на Советот на Град Скопје

| ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Изложба 50-години творештво и промоција на публикација на Мицко

По повод 50 години од творештвото на МИЦКО – Мице Јанкуловски денеска во спомен домот …

error: Содржината е заштитена!