– На стриктно барање на двајцата политички партиципиенти, Канал 5 ТВ ги повикува на тв дуел наредниот вторник или среда, во термин после 18.30 час. во емисијата “На ТВ Дуел кај Иван” – се вели во официјалната објава на Канал 5 телевизија. Тимот на телевизијата во продолжение додава :
“За време на овој дуел и двајцата кандидати за татко на Скопје, г-дин Орце Ѓорѓиевски и г-дин Амар Мециновиќ треба да ги претстават своите визии од областа на комуналиите, организацијата на хуманото живеење, јавниот транспорт, (не)здравиот атмосферски воздух, депонијата низ градските улици и сл., при тоа нудејќи соодветни факти за нивните ветувања. Секое нереално ветување кое ќе нема елементарна основа истото да биде реализирано , јавно ќе биде нотирано од наша страна.
Дополнително, ќе бараме одговори и на политички прашања поради фактот што изминативе 4 години, како жители на Скопје, бевме сведоци дека позицијата татко на главниот град е помалку менаџер на Скопје а максимално е „фреквенција“ од политичко-партискиот спектрум.
Двајцата опоненти ќе бидат охрабрени од наша страна да си поставуваат и тие меѓусебни прашања со цел јавноста да биде свесна за нивниот организациски, интелектуално-креативен но и коалициски капацитет, а сето тоа во и за елементарните потреби на граѓаните на Скопје. Дали ова ќе се смени?
Нормално, немаме намера да ги избегнеме и актуелните политички прашања поради фактот што позицијата градоначалник е и политичка функција, која се бира на избори со мандат даден од нас, граѓаните.
Канал 5 ТВ е повеќе од убеден во демократските капацитети и на Левица и на ВМРО-ДПМНЕ како и на господата Мециновиќ и Ѓорѓиевски.
Точниот ден на реализација на оваа ТВ емисија (вторник или среда) како и времето на емитување на емисијата НА ДУЕЛ КАЈ ИВАН ќе биде детерминиран доколку и двајцата кандидати јa прифатат оваа наша јавна покана.”
Последната информација е дека кандидатот на ВМРО ДПМНЕ веќе го прифатил предизвикот, па Канал 5 очекува прифаќање на ТВ дуелот и од другиот кандидат за градоначалник на Скопје, претставник на Левица.
Дани | ТВ Пакет