Во 2024 година вкупните приходи на МРТ биле значително повисоки отколку во претходните години, согласно Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2024 година.
Јавниот сервис во 2024 година работел со добивка во износ од 87,81 милион денари, што е најдобар финансиски резултат остварен во последните шест години.
Зголемувањето се должи на целосната исплата на законски предвидените средства од државниот буџет, со што се надмина еден од најсериозните проблеми со кој повеќе години се соочуваше јавниот радиодифузен сервис. Во однос на 2023 година, приходите беа повисоки за 36,49 %. Учеството на приходите од рекламирање (во вкупен износ од 34,04 милиони денари) во вкупните приходи на МРТ изнесува 2,49 %.
Овој приход е остварен од продажба на времето за рекламирање при емитување позначајни спортски настани за кои МРТ ги имаше обезбедено правата за емитување – Летните олимписки игри во Париз, Лига на шампиони, УЕФА-првенства во фудбал и други програмски содржини.
Вкупните приходи на МРТ изнесувале 1.37 милијарди денари, што е забележително зголемување во однос на претходните години.
Сепак, споредбата на вкупните приходи на Македонската радио-телевизија со приходите што во истата година ги имале јавните сервиси во Хрватска, Србија и Словенија покажува дека нашиот јавен сервис располагал со забележително помалку средства, и тоа девет пати помалку од Хрватската радио-телевизија (HRT), и по над шест пати помалку од Радио-телевизија Србија (РТС)15 и Радио-телевизија Словенија (RTSlo).
Најголем дел од вкупните трошоци на МРТ биле за плати и други надоместоци за вработените лица (589,57 милиони денари) и за програмски права (445,17 милиони денари).
За реализација на копродукциски проекти биле потрошени 214,56 милиони денари (овие трошоци опфаќаат договори за соработка за снимање и емитување различни видови емисии), за откуп на лиценцни права за емитување филмови, серии, детски анимирани серии и документарни емисии биле потрошени 29,26 милиони денари, а 0,50 милиони денари биле потрошени за лиценца за учество на Јуниорскиот Евросонг. За други програмски права јавниот сервис потрошил 113,87 милиони денари (за пренос на Виенскиот концерт и Евросонг 2024, лиценцирани вести од интернет, откуп на права за емитување емисии за сите програмски сервиси).
Во периодот од последните шест години вкупниот број вработени во МРТ се намалувал во континуитет. Во 2024 година бројот на вработени се намалил за 31 лице, со што уште повеќе се продлабочува проблемот со кадровскиот дефицит на МРТ.
Во однос на 2019 година, бројот на вработени е помал за 143 лица, што укажува на тоа дека проблемот со кадровски недостиг на МРТВ сериозно се продлабочува. За споредба, во 2024 година бројот на вработени во ХРТ изнесувал 2.700 лица, во РТС 2.382 лица.
Дани | ТВ Пакет